Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека добро проценил дека синоќешниот собир на тамошната опозиција во Белград ќе биде неуспешен и додал дека опозицијата направила многу катастрофални грешки.
„Не можете да го лажете народот и секоја трагедија да ја користите за да стекнете политички поени. Од друга страна, не можете да му кажете на народот дека Вучиќ не запалил свеќа, a ние ќе покажеме каде запалив свеќа. Не можете да кажете дека се вметнати елементи, а утредента велите – ослободете ги вметнатите елементи. Не можете да кажете – зошто отиде да му изразиш сочувство на семејството и дека тие се виновни што не примиле. Едноставно е, не можете да правите такви работи“, изјавил Вучиќ за РТС како одговор на прашање за синоќешниот протест на опозицијата пред Владата на Србија, по повод трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
Вучиќ посочил дека луѓето од власта не треба, како што рече, да „гледаат“ поради неуспехот на опозицијата и посочи дека луѓето се загрижени и со право бараат одговорност.
„Таа одговорност мораме да ја покажеме и да направиме разлика и затоа барам луѓето од власта да не се жалат на туѓ неуспех, туку да покажат одговорност. Знам дека некои луѓе намерно не поднеле оставка или не смееле да поднесат оставка пред таа средба, за да не се каже дека тоа е направено под притисок на некој друг. Сега е вашата шанса да покажете морална и политичка одговорност“, нагласил Вучиќ.
Тој побарал од обвинителите да продолжат да работат напорно, иако, како што вели, случајот со трагедијата во Нови Сад е комплициран и да им покажат на луѓето кое е нивното барање за кривична одговорност.
„Мораме да покажеме не само грижа за семејствата што се подразбира туку и да покажеме дека сме одговорно општество и дека ќе знаеме кривично да ги казниме виновниците, а политичката и моралната одговорност мора да биде на повисоко ниво за да се направи разлика меѓу неодговорните и оние кои мислат дека можат да добијат нешто со измама“, порачал Вучиќ.
Тој посочил дека не може да се каже „корупцијата убива“ без да се приложи некаков доказ и додал дека немало корупција, туку дека тоа е професионален проблем – проблем на професијата.