Вучиќ: Србија нема да воведува санкции за Русија, во Србија има луѓе што повеќе би ги бранеле Русите отколку Србите

од desk2
33 прегледи

Претседателот на Србија,Александар Вучиќ, порача дека Србија нема да воведе санкции за Русија и дека ќе се држи за својата досегашна политика, и покрај поинаквите најави што стигнаа од српската влада. Вучиќ порача дека „граѓаните на Србија поддржуваат“ таква насока, оти тоа е „политика на независна и суверена држава“.

„Ќе продолжиме со нашата политика, која беше принципиелна и којашто досега се покажа правилно, што не му се допаѓаше никому, ни на оние на Западот, ни на оние на Истокот“, рече Вучиќ.

Неговата реакција уследи по интервјуто на министерот за европски интеграции Немања Старовиќ за австриската новинска агенција АПА. Старовиќ навести дека Србија би можела да разгледува ускладување со санкциите на ЕУ против Русија во мигот кога членството на Србија во Унијата ќе стане „неизбежно“.

Српскиот министер за европски интеграции рече оти одбивањето да се воведат санкции сега произлегува од економски потреби, а не од политичка лојалност на Москва.

„Русија воопшто не би била погодена, но српската економија би била погодена во огромна мерка“, појасни Старовиќ.

Но српскиот претседател Вучиќ ги отфрла таквите изјави, нарекувајќи ги „непромислени“.

„Жал ми е што некои наши пријатели во руските медиуми едвај чекаат да најдат нешто поради што би ја критикувале Србија. А жал ми е и што на нашата домашна политичка сцена имаме многу луѓе што повеќе би ги бранеле Русите, отколку Србија. Морам да ги разочарам. Србија нема да воведе санкции за Русија“, порача Вучиќ.

Инаку, Србија низ годините изгледа како постојано да балансира помеѓу Западот и Русија.

Во мај руската разузнавачка служба ја обвини Србија за испорака на оружје на украина, што Белград го демантираше. Сепак, истрага на „Фајненшел Тајмс“ покажа дека српска муниција преку трети земји стигнувало до украинските сили.

Соочен со зголемен притисок, на 23 јуни Вучиќ порача дека Србија го запира сиот извоз на оружје, повикувајќи се на националната безбедност и на економски причини. Претходно во јуни Вучиќ беше во Украина и на самитот во Одеса понуди помош за повоената обнова на Украина, но одби да ја потпише декларацијата со која се осудува руската агресија врз Украина.

Претходно беше во официјална посета на Русија и се сретна со рускиот колега Владимир Путин и присуствуваше на Парадата на победата на 9 мај во Москва.

Слични содржини