Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска истакна дека српската армија мора да биде двојно посилна од сега и дека забрзано се работи на развој на ново оружје, особено наведувајќи ги беспилотните летала.
„Има нови доктринарни документи кои велат дека мора да бидеме многу посилни од денес и забрзано работиме на тоа“, рече Вучиќ во Жарково, за време на обиколката на Воено-техничкиот институт (ВТИ) и изложувањето на оружјето.
Тој додаде дека пред крајот на годината во оперативниот состав на армијата ќе бидат воведени „камикази беспилотни летала“, а беспилотните летала ќе се произведуваат во домашни фабрики.
Нагласи дека во соработка со српските компании, работат на производство на поевтини верзии на дронови кои би биле слични на оние што ги произведуваат Кинезите. Вучиќ рече дека Србија е воено неутрална земја, но дека мора да ја заштити својата слобода и дека мора да биде многу посилна од сите во регионот, како и дека војната во Украина значело „дека мора да се замени оружјето“.
Вучиќ рече и дека се размислува за воведување воен рок на три месеци, а за оние кои доброволно го сакаат – шест или девет месеци и додаде дека во моментов работат на тоа. Тој рече дека во тек е сеопфатна трансформација на војската на Србија.
„Менуваме сè во армијата, буквално сè од концептот на сегашните четири бригади по место на живеење, сè ќе правиме поинаку. Засега нема да кажам… како ќе се поврземе преку дивизии, полкови и се останато, за во секој момент да имаме можност да дејствуваме на кој било дел од територијата“, рече српскиот претседател.