Вучиќ: Србија се вооружува за да се заштити себеси

Српскиот претседател реагираше на изјавата на воениот аналитичар од БиХ, Неџад Ахатовиќ, кој предупреди дека вооружувањето на Србија е закана за регионот и дека Србија глуми „мала Русија“

од Бети Божиноска
306 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека Србија се вооружува за да се чува себеси, а не за да загрози некој друг во регионот, пренесува „Телеграф“.

Вучиќ порача дека коментарите за тоа дека вооружувањето на Србија е закана за мирот во регионот е „мантра на оние на кои ниедна Србија не им е доволно мала и доволно понижена за да бидат задоволни“.

„Кога Србија се вооружува, се вооружува пред се од домашната индустрија. Се вооружува за да го заштити своето име, презимето, да го заштити своето небо, својата земја. За да не помислат разни џуџиња дека можат повторно да ни украдат територија како што тоа го правеле многупати досега. А Србија никогаш никому не му се заканувала на ниту еден начин“, истакна Вучиќ.

Притоа тој реагираше на изјавата на воениот аналитичар од БиХ, Неџад Ахатовиќ, кој предупреди дека вооружувањето на Србија е закана за регионот и дека Србија глуми „мала Русија“ сакајќи да го обедини српскиот свет во регионот.

Вучиќ одговори дека ваквите коментари се резултат на тоа што на некои луѓе им пречи тоа што српската економија денес претставува половина од вкупната економија на Западен Балкан.

„Кога зборувате за економијата на Западен Балкан, 50 отсто е Србија, 55 отсто од Западен Балкан е Србија, 62 отсто е Србија која привлекува странски директни инвестиции. За каков Западен Балкан зборувате без да зборувате за Србија? Бидејќи Србија стана земја која во моментов има највисока просечна плата во регионот, а во исто време и многу ниска стапка на јавен долг и дека е членка на Евростат,“ истакна Вучиќ.

Тој се пожали дека сакаат да ја уништат Србија и дека во изминативе две години се објавени повеќе од десет илјади текстови во различни западни и регионални медиуми за тоа дека Србија ќе нападне некого во регионот.

„Дека ние сме мали Руси кои, дека не знам што ќе направиме, дека слушаме нечии наредби. Зошто го кажуваат тоа? Има две причини. Едната е да ѝ нанесат директна штета на Србија, а другата е дека поаѓаат од самите себе. Тие знаат какви следбеници се, знаат какви политички џуџиња се“, заклучи тој.

Слични содржини