Вучиќ: Во пријателска С. Македонија ќе разговараме за напредокот на целиот регион

од Nikola Popovski
165 прегледи

Ве поздравувам браќа и пријатели Македонци во нашата пријателска С. Македонија. Се заблагодарувам на гостопримството. Состаноците што ги имавме и ќе ги имаме се важни за напредокот на целиот регион. Разговаравме со американските и европските претставници за заеднички европски пазар и зелените линии за нашите камиони да поминуваат слободно надвор од границите и низ земјите од ЕУ, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ пред почетокот на состанокот посветен на Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската Комисија (ЕК).

Вучиќ истакна дека планот за раст на Србија се совпаѓа со планот на ЕУ.

-Во наредните денови ќе потпишеме два важни протоколи за функционирање до слободен пристап на работната сила, кажа Вучиќ.

-Верувам дека сите заедно можеме да работиме на тој план и да оствариме голем напредок. Ова е првпат да се состанеме и да разговараме само за економија, а не за политика која носи големи поделби за нас, додаде кратко претседателот на Србија пред присутните новинари.

На состанокот, покрај македонскиот премиер Димитар Ковачевски, ќе присуствуваат и премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора, Милојко Спаиќ, на Косово, Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Срѓан Амиџич, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.

На средбата ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан. Дополнително, ќе присуствуваат и претставници од Регионалниот совет за соработка, ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, УСАИД, Фондацијата отворено општество, Центарот за Европа, Атлантскиот совет, како и повеќе меѓународни финансиски институции како што се Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.

Слични содржини