Поранешниот директор на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) Александар Вулин, гостувајќи во ТВ Пинк изјави дека во опкружувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ „има луѓе кои работат за Централната разузнавачка агенција (ЦИА)“.
„Околу претседателот Вучиќ има луѓе кои работат за ЦИА и тој го знае тоа. Има луѓе кои не работат за доброто на оваа земја и кои работат против него“, рече Вулин и оцени дека „ова се начините да вршат притисок врз него (Вучиќ) и врз Србија“.
Коментирајќи го силниот притисок врз претседателот Вучиќ и заканата за виталните интереси на Србија и Републик Српска и на целиот српски народ, Вулин исто така нагласи дека Вучиќ „знае многу работи дури и пред службите да му ги достават“ и дека Вучиќ ќе биде оној што ќе одлучи „дали некогаш ќе ја кажеме целата вистина и што ќе правиме по тоа прашање“.
„Ќе се обидат да донесат резолуција дека Србија е геноцидна и дека Србите се геноцидни, велам дека ќе се обидат да го уапсат Милорад Додик, ќе се обидат да ги укинат платежните трансакции во Република Српска, ќе се обидат да уапсат луѓе затоа што не ги почитуваат одлуките на Шмит. Вучиќ ќе има сила и храброст да се бори против тоа и верувам дека ќе се сретне со Шмит,“ вели Вулин.
И самиот Вучиќ, кој денеска во Белград се сретна со амбасадорите на земјите од Квинтата, предупреди дека на Србија ѝ претстојат тешки денови.
Вулин потсети дека Србија се соочи со санкции затоа што купи со руски систем против беспилотни летала што се бори против оружјето што Западот им го дава на Албанците.
„Ви велам дека т.н. Косово ќе биде примено во Советот на Европа без никакви правила. Се кршат највиталните интереси на Република Српска, која сакаат да ја уништат, и на Србија која сакаат да ја сведат на ниво на држава која не е независна. Ви кажувам дека во опкружувањето на претседателот има луѓе кои не работат за оваа држава, туку за странски служби“, рече Вулин и го повика српскиот народ каде и да живее да биде обединет и да застане покрај својот претседател Вучиќ.