Вулверхемптон е подготвен да го продаде крилниот напаѓач Адама Траоре за скромна сума од 10 милиони фунти. 26-годишниот фудбалер минатата сезона ја мина на позајмица во Барселона, но не успеа да ги убеди Каталонците да ги откупат неговите права. Тој сега се врати во „Молину“, но во оваа фаза се чини дека тој не е дел од плановите на менаџерот Бруно Лагер, бидејќи клубот веќе бара купувач за него, според Football Insider.
Интересно, „волците“ платија 18 милиони на Мидлсброу за правата на Траоре во 2018 година, па доколку сега биде продаден за 10 милиони, клубот ќе биде во сериозна загуба.
И самиот Траоре е склон кон трансфер. Проблемот е што тој се надева дека ќе добие понуда од топ клуб, но во оваа фаза шансите тоа да се случи воопшто не изгледаат големи. Во моментов најсериозен интерес за него има од Евертон.
Не е исклучена и опцијата Траоре да остане на „Молину“ и во новата сезона и да го исполни својот договор кој е до летото 2023 година.
Крилото Чикињо заработи тешка повреда на коленото која ќе го исклучи во поголемиот дел од сезоната. Така, ова може да доведе до тоа шефовите да ја преиспитаат идејата да го продадат Траоре и да го задржат во клубот.