МВР поднесе кривична пријава против седум лица поради „местење“ на фудбалскиот натпревар ФК „Кожуф“- ФК „Башкими“, при што има еден уапсен. едно лице лишено од слобода
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, по претходно обезбедена наредба од Основен суд Гевгелија, денеска извршиле претрес на две локации кај П.Ѓ. од Гевгелија, спортски директор на ФК „Кожуф“ од Гевгелија, а по насоки на ОЈО Гевгелија, ОКП поднесе кривична пријава против Б.Х., претседател на ФК „Башкими“ од Куманово за кривични дела „измама“, „неовластено давање на подароци“, „соизвршителство“, потоа против П.Ѓ., спортски директор на ФК „Кожуф“ за кривични дела „измама“ „неовластено примање на подароци“ и „соизвршителство“. Поднесени се пријави и против А.Ј., фудбалер на ФК „Башкими“, С.Г., тренер на ФК „Кожуф“, Б.К., Ј.П. и К.С., тројцата фудбалери на ФК „Кожуф“ за кривични дела „измама“ по чл. 247 ст. 6 и „соизвршителство“ од чл.22 од КЗ.
Како што објави МВР, првопријавениот Б.Х, претседател на ФК „Башкими“, со намера за својот фудбалски клуб да оствари пласман во Првата македонска фудбалска лига или бараж за влез во Првата македонска фудбалска лига, на фудбалскиот натпревар одигран на 6.5.2025 во Гевгелија помеѓу екипите на ФК „Кожуф“ преку третопријавениот А.Ј. договорил средба и обезбедил телефонски контакт од второпријавениот П.Ѓ. спортскиот директор на Кожуф, на која средба присуствувале прво, второ и трето пријавениот, при што второпријавениот се согласил да прими и примил 10.000 евра. Тој потоа преку С.Г. влијаел врз фудбалерите, кои „ја прифатиле играта“, со што на натпреварот бил постигнат резултат 1:2 во корист на ФК „Башкими“ и со така освоените три бода им овозможиле на ФК „Башкими“ да се пласираат на третото место во Втората македонска фудбалска лига, со што се стекнале со можност да играат во бараж за пласман во Првата македонска фудбалска лига.
Еден од пријавените по насоки на јавен обвинител е лишен од слобода за обезбедување дополнителни докази и спроведен во ОЈО Гевгелија за натамошна постапка.