За 19% намален бројот на одобренија за градба во јануари

Со издадените дозволи е предвидена изградба на вкупно 618 станови со вкупна корисна површина од 54.359 квадратни метри

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук

Во јануари годинава во земјава се издадени вкупно 256 одобренија за градење, што претставува намалување од 19,2 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Најголем дел од издадените дозволи се однесуваат на објекти од високоградба. Од вкупниот број, 160 одобренија се за ваков тип градби, додека 31 дозвола е за објекти од нискоградба. За реконструкција на постојни објекти се издадени 65 одобренија.

Според регионалната распределба, најмногу дозволи за градба се издадени во Полошкиот Регион – 64. Потоа следуваат Југоисточниот Регион со 50 одобренија, Скопскиот со 34 и Пелагонискиот Регион со 31.

Со издадените дозволи е предвидена изградба на вкупно 618 станови со вкупна корисна површина од 54.359 квадратни метри. Најголем број станови се планирани во Скопскиот Регион – 288, потоа во Југозападниот Регион со 173 и во Полошкиот со 59 станови.

Вкупната проценета вредност на објектите опфатени со издадените одобренија изнесува 4.325.219.000 денари, што претставува пад од 25,1 процент во однос на јануари минатата година.

Статистиката покажува дека кај најголемиот дел од проектите инвеститори се физички лица. Од вкупниот број дозволи, 155 објекти или 60,5 проценти се во сопственост на физички лица, додека кај 101 објект, односно 39,5 проценти, инвеститори се деловни субјекти.