За да се заштити Водно: Викендов ќе има засилени инспекциски контроли за непрописно паркирање

од Берта Китинска

Поради метежот од возила што минатиот викенд се создаде на Водно, градските инспектори за патен сообраќај викендов ќе вршат засилени контроли во однос на непрописното паркирање на јавни површини.

-За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, Градот Скопје воведе две нови автобуски линии – автобусот со број 25А тргнува од пред катната гаража „26 Јули“ на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот со број 25Б – од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Овие две автобуски линии до Средно Водно се бесплатни за време на викендите и државните празници, а во овие денови бесплатно е и паркирањето во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат), велат од Град Скопје

Возниот ред на овие две автобуски линии може да го пронајдете на следната интернет врска:

http://www.jsp.com.mk/VozenRedGen.aspx

Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно.

Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли.

Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а непрописното паркирање се санкционира. Град Скопје им препорачува на граѓаните да ги искористат сите овие поволности и овој викенд да ги остават автомобилите во катната гаража „26 јули“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат) и со автобус да се качат бесплатно на Водно.

 

 

 

 

 

Слични содржини