Скопје во 13 часот се искачи на петтото место според загаденост на листата на платформата „IQAir” на поголеми градови во светот – со индекс на загаденост од 170. Први на листата се Сараево во БиХ и Лахор во Пакистан.
На листата во топ 10 најзагадени градови се и балканските Белград и Приштина, а Загреб е на 13-тото место.
Од Град Скопје упорно тврдат дека главниот град не е ниту најзагаден во земјава, а не пак во светот. Според градската администрација, податоците од „IQair“ се невистинити и лажни вести.
-Неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото, се вели во соопштението на Град Скопје.
Скопје утринава се најде на второто место на најзагадени градови во Европа, а во светски рамки беше на 10-тото место.
Жителите на главниот град изутринава се разбудија обвиткани во густ смог, а ситуацијата не е ништо подобра ниту во градовите во внатрешноста каде изминативе денови се чувствува чад во воздухот и се потешко се дише. Спасот од загадувањето многумина повторно го побараа во носењето заштитни маски на отворено.