Состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин е закажан за 16-ти јули во Хелсинки, а оваа вест ја потврдија синоќа од Вашингтон и Москва.

Сепак, малку е познато дека историјата на средби на американските и руските лидери во финската престолнина датира уште од времето на Студената војна и досега во Хелсинки се одржани веќе три самити на кои што биле донесени важни одлуки
Форд и Брежњев
Тогашниот советски лидер Леонид Брежњев и американскиот претседател Џерал Форд се сретнале во 1975-та година во Хелсинки, во екот на Студената војна, а во овој град пристигнале по покана на финскиот претседател Урх Кеконен.

Форд и Брежњев притоа го потпишале познатиот Хелсиншки договор, со кој комунистичкиот и западниот блок се обврзале на посветеност во постигнувањето на мирот, безбедноста и човековите права во светот.
Буш Постариот и Горбачов
Последниот советски лидер Михаил Горбачов се сретна во Хелсинки во 1990-та година со тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот. Тие за време на тогаш наречената историска средба разговарале за бројни актуелни прашања во светот, како што била инвазијата на Ирак на Кувајт и генерално ситуацијата на Блискиот исток.

Клинтон и Јелцин
Првиот руски претседател по распаѓањето на Советскиот сојуз, Борис Јелцин и тогашниот американски претседател Бил Клинтон се сретнаа во Хелсинки во 1997-ма година.
Клинтон и Јелцин тогаш одржаа самит во зградата на Претседателството на Финска, а на самитот разговараа за тогашната експанзија на НАТО Алијансата на истокот на Европа.