Новинарот Борјан Јовановски и поранешниот пратеник Илија Димовски вечерва во „Топ Тема“ ги изнесоа своите ставови за односот на Македонија со Брисел и процесот на евроинтеграции.
Јовановски рече дека по почетокот на руската инвазија на Украина се гледа напредок во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, но дека македонската влада не прави доволно за да го привлече вниманието на Брисел. „Не сум сигурен дека владата многу работи за тоа. Во Брисел има впечаток дека Македонија го губи компасот“, истакна тој.
Од друга страна, Димовски смета дека е мала победа тоа што Брисел го одби едностраниот пристап и дека „ѕидот“ кој го спречуваше дијалогот можеби почнува да напукнува. Според него, протоколите потпишани од Бујар Османи и Никола Димитров не се прифатливи, а сè повеќе луѓе, особено од македонскиот етнички сегмент, ги одбиваат – бројката надмина 80 проценти.
Димовски предупреди и дека во Брисел нема сериозен напредок во реформите и дека не треба да се создава еуфорија при секоја посета на европски официјални лица.