За Ковачевски, Пендаровски има капацитет да победи, Мицкоски смета дека СДСМ конечно нашол човек кој е подготвен да изгуби

Мицкоски оцени дека нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова ќе го надомести она што е пропуштено во изминатите пет години во мандатот на Пендаровски.

од Бети Божиноска

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва во дуелот со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на „Само вистина“ на Канал 5, кажа дека претседателот Стево Пендаровски има капацитет да однесе победа, додека Мицкоски, пак, оцени дека нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова ќе го надомести она што е пропуштено во изминатите пет години во мандатот на Пендаровски.

„Во СДСМ сме убедени дека ќе ја добиеме довербата на граѓаните да ја формираме следната проевропска Влада на Македонија, а Стево Пендаровски ќе биде повторно избран за претседател на државата – бидејќи имаме многу јасна визија и многу јасен план за европската иднина на државата којшто се темели на храбри одлуки и на јасна визија и јасен план како тоа да го направиме,“ рече Ковачевски на прашањето на новинарот каков претседател ѝ треба на земјава.

Според него, Пендаровски е нивниот избор за кандидат затоа што, како што кажа, тој во изминатот мандат покажа дека е претседател за сите, дека ги застапува прогресивните вредности и прогресивните политики и на СДСМ и на коалицијата која го поддржува, но пред се на граѓаните и затоа, додаде, неговата кандидатура практично беше поддржана од над 22.000 потписи на граѓаните, дополнително и на коалиционите партнери на СДСМ и Коалицијата за Европска иднина, рече тој.

Оцени дека Пендаровски се покажал како претседател на сите граѓни, кој не ги дели граѓаните ниту по еден основ, кој ги застапувал сите стратешки интереси на државата, не направил ниту една стратешка грешка, бил еден од клучните актери за зачленување на земјава во НАТО и при отпочнувањето на прегворите со ЕУ, и во време на криза.

„Сметаме дека потенцијалот на Пендаровски е поголем од на сите други кандидати, со што на 8 мај тој повторно ќе биде избран за претсаедател на државата, и на 8 мај заедно со коалицијата за Европска иднина ќе фомираме Влада која што Северна Македонија ќе ја внесе во ЕУ до 2030 година,“ рече Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, кажа дека СДСМ долго време барал и конечно нашол човек кој е подготвен да изгуби, и нема подобар пример од Стево Пендаровски како човек којшто е подготвен да изгуби, да доживее дебакл во следните претседателски избори и оти тоа ќе стане јасно уште на 24 април.

„Јас мислам спротивно од ова што го кажа Димитар Ковачевски, сметам дека Стево Пендаровски како претседател не покажа ама баш ништо, со што ја заслужи титулата претседател. Тоа го видоа граѓаните, тоа е одличен пример на човек којшто како профил не одговара да биде претседател на државата, а уште повеќе да биде татко на нацијата, бидејќи тој не успеа да ја обедини нацијата,“ смета Мицкоски.

Мицкоски кажа дека неговата партија смета дека „тоа што го изгуби Македонија изминативе пет години додека Стево Пендаровски беше претседател ќе го надокнадиме многу брзо во следните пет години кога Гордана Силјановска Давкова ќе биде претседател на Македонија“.

„Тој е склон да озборува, нешто што не би требало да прави еден претседател. И најчесто тоа покрај тоа што го прави со политичките противници, го прави и со највисокото раководство на партијата која што го предложила да биде претседател. И мислам дека Македонија тоа што го изгуби изминативе пет години додека Стево Пендаровски беше претседател ќе го надокнадиме многу брзо во следните пет години кога Гордана Силјановска Давкова ќе биде претседател на Македонија,“ истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека Пендаровски не поседува било каква претседателска карактеристика која што треба да биде одлучувачка за граѓаните да му го дадат својот глас.

Слични содржини