Британската мутација на ковди 19 со своето брзо темпо на пренесување повторно ги наполни болниците со пациенти. Според експертите земјава е влезена во третиот бран на пандемијата, а пикот од истиот се очекува на почетокот на месец април.Овој пат за разлика од изминатиот период, на мета на вирусот се пациентите од 30 до 50 годишна возраст.
И додека се чекаат резултатите од полицискиот час од 22-05 часот кој стапи на сила од 10 март и ќе трае до 6 април, болниците како од јавното здравство така и во приватното полека ги исполнуваат своите капацитети.
Иако за многумина можеби недостижно, сепак, лекувањето од Ковид-19 во приватните болници добива сè поголем интерес. Овие здравствени установи немаат договори со Фондот за здравствено осигурување, сами ги дефинираат цените за лекување, кои може да достигаат и до илјадници евра. „Локално“ поразговара со приватната клиника „Жан Митрев“ за условите и цените за лекување кои тие ги нудат на заболените лица со коронавирус.
Болницата имаат свои протоколи на лекување
-Состојбата како што е општо познато е критична. Капацитетите ни се исполнети комплетно, немаме слободни кревети, а хоспитализирани се 90 сериозно болни пациенти од кои 40 во критична состојба и поставени на респиратори. Старосната граница, за жал е намалена и се движи од 30 до 50 годишна возраст.Почнувајќи од минатата недела, согласно сериозноста на ситуацијата и триплирањето на бројот на хоспитализирани, кај нас е подигнато нивото будност. Воведена е интерна вонредна сосојба, кој вклучува одложување на користење на денови од годишен одмор, а извршена е реорганизација т.е пренасочување и прераспределба на персоналот. Оние операции кои не се однесуваат на животозагрозувачки состојби се одложени. Сите наши ресурси се ставени во служба на справување со КОВИД пациенти, велат од „Жан Митрев“.
Цената зависи од методата и времето на лекување
Во поглед на кои методи, се применуваат од клиниката велат дека во зависност од состојбата на секој пациент, се прави индивидуална проценка на сериозноста на клиничката слика и потоа се креира и имплементира персонализиран пристап од страна на искусниот мултидесциплинарен тим на доктори.
-Има пациенти кај кои со неинвазивни методи се постигнува успех и без хемофилтрација за неколку дена се стабилизираат и се пупштаат на домашно опоравување. Кај оние кај кои сериозноста на состојбата налага се применуваат посложени начини на комбинирано лекување, а за жал кај голем број се пристапува кон инвазивно лекување односно поставување на респиратор. Соглашно нашето искуство, согледувајќи ја сегашната група на пациенти и споредувајќи ја со претходниот бран, слободно можеме да констатираме дека се работи за вистински видоизменет тип на вирус кој се карактеризира со брз развој на тешки клинички слики кои почнуваат со билатерални пневмонии, за потоа за многу кратко време да преминат во тешка респираторна слабост. Ова всушност значи дека многу брзо потребно е пациентите да бидат поставени на респиратор, без да има време да се употребат други неинвазивни техники како што беше случај претходно.Се уште пациентите доѓаат во релативно доцна фаза, со екстремно сериозна киничка слика која најчесто прогресира галопирачки, објаснуваат од приватната установа.
Од клиниката велат дека цената зависи од методата и времето на лекување и дека поради моменталната ситуација направена е корекција на цените.
-Претходно цената на еден болнички ден лекување на интензивна нега чинеше 800 еур, сега истиот е намален на 600 еур. Кога применуваме хемофилтрација кај најтешко болните, цената на еден таков третман е намалена на 3000 еур. Кај оние најкритичните пак кои се во септичен шок применуваме комбинирана хемофилтарција со вклучување на два вида на филтри и истата сега чини 4000 еур (наместо 6000). Пациентите кои се со лесна клиничка слика и немаат потреба од хемофилтрации плаќаат болнички денови на интензивно лекување, велат од „Жан Митерв“.
Оттаму за „Локално“ објаснуваат дека установата има практика да побара депонирање средства во интерес на пациентите.
-Имено како што сите знаеме, болеста е непредвидлива и често бргу се развива во неочекуван правец.Се случува влошувањето на состојбата да настане во текот на ноќта и да треба веднаш и соодветно да се реагира. Ние за да го сториме истото доколку во тој момент бараме дополнителни одобрувања од семејствата ќе изгубиме драгоцено време кое би можело да биде од пресудно значење. На овој начин избегнуаваме и непотребно вознемирување на семејството на пациентот.Сепак, мора да потенцираме дека сите средства кои нема да бидат употребени им се враќаат. Пациентите добиваат точна пресметка за сите пружени услуги,објаснуваат од клиниката.
Граѓаните реагираат на високите цени
Изминативе денови се повеќе актуелна стана темата на социјалните мрежи за тоа колку граѓаните плаќаат за лекување на ковид 19.
„2.300 евра дневно за лицата со компликации од Ковид 19 за лекување во приватните болници кај нас. За тие што не разбраа пак да повторам 2.300 ЕВРА ДНЕВНО!!! „Ако имаш пари ќе живееш, ако не умри“…„На тие пари што треба да ги дадеш треба да работиш уште 30 год да ги заработиш ако преживееш уште 30 години мака да се најадат овие гнасни профитери арам парите“…беа дел од коментарите на граѓаните.
Ништо повеќе нема во приватното здравство, што има во јавното здравство
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот, одговори и на пратеничко прашање околу справувањето на државата со пандемијата и побара да не се шират лажни пропаганди и да се поигрува со чувствата на граѓаните, со цел добивање политички поени.
„Јавното здравство е достапно за сите. Болен од коронавирусот не плаќа ништо во јавното здравство. Ништо повеќе нема во приватното здравство, што има во јавното здравство. Сè што не може да се најде како лек или лекарска интервенција, државата плаќа во приватното здравство или надвор од државата и ова важи за сите граѓани“, рече премиерот Заев.
Се полнат болничките капацитети во земјава
Вкупната бројка на пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 537 и има околу 250 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во Скопје се хоспитализирани 70 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, со што вкупно 621 лице сомнително и потврдено за ковид-19 се лекува на инфективните оддели во главниот град.
Најмногу приеми има на Интерните и хируршки клиники – 35. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 9 примени пациенти и 20 биле примени на Инфективната клиника. Во Козле биле примени 4 и двајца пациенти биле примени на Клиниката да Детска хирургија.
Б.М.