За Орбан постои само едно решение за ставање крај на војната во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
515 прегледи

Во интервју за контроверзниот американски новинар Такер Карлсон, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека единствениот начин да се стави крај на војната во Украина е повторно да се избере Доналд Трамп за американски претседател.

Во интервјуто објавено од Карлсон на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), Орбан ја пофали надворешната политика на Трамп, истовремено остро ја критикуваше актуелната администрација на претседателот Џозеф Бајден и неговиот пристап кон војната во Украина.

Тој рече дека враќањето на Трамп на функцијата „ќе биде единствениот излез“ од конфликтот, додавајќи дека секоја сугестија дека Киев може да победи во војната против Русија е „лага“.

Получасовното видео, кое било снимено на 21 август во премиерската резиденција, е вторпат Карлсон да го интервјуира Орбан.

Во интервјуто, Орбан ги осуди федералните обвиненија против Трамп, за што рече дека е незамисливо да се случи во Унгарија.

Тој, исто така, се пожали на напорите на Стејт департментот да ја натера унгарската влада да го подобри владеењето на правото и состојбата за човекови права, велејќи дека и покрај тоа што Унгарија е членка на НАТО и сојузник на САД, „ние сме третирани полошо од Русите“.

Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, владата на Орбан одржува блиски врски со Москва и се закани дека ќе ги блокира санкциите на ЕУ против Русија.

Слични содржини