Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски изјави дека не му е проблем да ја разбере логиката на косовскиот премиер Албин Курти за неговата посета на скопската општина Чаир и на Тетово, но дека проблематична беше иконографијата на собирот во Тетово по повод неговата посета.
Во интервју за скопскиот весник „Коха“, кое го пренесуваат медиумите во Приштина, Пендаровски изјави дека нема ништо спорно во тоа што косовскиот премиер присуствувал на именувањето на улица во Чаир со името на косовскиот деец Адем Демачи, за кого нагласува дека бил најголемиот политички ментор на Курти.
– Јас немам никаков проблем да ја разберам логиката на Албин Курти за неговата посета. И јас да бев на негово место исто така ќе дојдев. Тој дојде тука за да изрази почит за една улица што се именува според веројатно неговиот најголем политички ментор, Адем Демачи. Меѓутоа иконографијата која се гледаше позади неговите настапи беше иритирачка во оваа констелација во која има зовриени чувства и емоции меѓу Македонците и Албанците, посебно последниве година-две заради ова со Бугарите што се случува, блокадите кон Европа, демонстрации, митинзи по тој повод итн., изјави Пендаровски.
Тој нагласува дека Курти, со самите негови настапи, воопшто не го злоупотреби гостопримството на државата за време на неговиот престој.
– Јас го кажав порано и ќе повторам: господинот Курти во своите настапи и во Тетово и во Чаир нема ниеден збор кажано против Македонија и против македонскиот народ. Тој во ниедна секунда не го злоупотреби гостопримството на државата тука, вели Пендаровски.
Според македонскиот претседател, проблем при посетата на Курти претставувале видеата што ги снимил тетовскиот градоначалник, Билал Касами, со пораката „Добредојдовте во Албанија“.
– Дури не мислам дека и оние карти што се појавија со „Голема Албанија“ се некој голем проблем. На секој митинг има секакви луѓе, има процедури, ќе има пријави и судот ќе си каже дали „тој и тој“, со име и со презиме, прекршил некој закон. Мене во целата ситуација ме изненадија видеата што беа снимени од Касами. Немаше потреба да снимаш видео во кое велиш „Добредојдовте во Албанија“. Сега замислете некој од српската заедница, при посета на некој од Србија, (претседателот, Александар) Вучиќ или некој друг, да сними видео во кое вели „Добредојдовте во Србија“, или „Стара Србија“. Сега бев во Пустец, во Албанија, со мојот колега и пријател Бајрам Бегај. Јас не можам да кажам – а само се Македонци во тие села – „Добредојдовте во Македонија“, изјави Пендаровски во интервјуто за „Коха“.