За разлика од Пирин: Берое ќе го одигра пријателскиот натпревар со Македонија Ѓорче Петров

од Nikola Popovski
208 прегледи

Бугарскиот прволигаш Берое сепак ќе го игра пријателскиот натпревар против Македонија Ѓорче Петров.

Од претходно веќе беше познато дека друг бугарски клуб, Пирин веќе одби натпревар со екипата од Скопје поради, како што велат, „антибугарските чувства во Македонија и претепувањето на Христијан Пендиков“. Покрај нив, и навивачите на ЦСКА Софија побараа откажување на натпреварот меѓу популарните „Армејци“ и Македонија Ѓорче Петров во знак на протест.

Сепак, Берое нема да прави промени во својата програма и ќе игра против македонскиот тим. Клубот излезе со официјален став во кој ја осудува, како што велат, „агресијата врз Бугарите, но повикува политиката и спортот да не се мешаат“.

-Берое најостро ги осудува серијата случаи на газење на правата на Бугарите и бугарските симболи во Република Северна Македонија, како и искрениот јазик на омраза што кон нив се всадува кај нашиот сосед. Позицијата и постапките на официјалните власти во Република Северна Македонија се исто така неприфатливи за земја која што има претензии да биде дел од Европската Унија. Нападот врз Христијан Пендиков е уште еден чин на насилство кој е далеку од повици и претензии за добрососедство и пријателство.

Вистина е дека фудбалот е феномен кој треба да обединува. Берое смета дека во спортот нема место за политика, но во овој случај не можеме да бидеме рамнодушни на она што се случи и затоа ја изразуваме нашата начелна согласност со ставот на нашиот фан клуб. Повикуваме на дијалог и изнаоѓање решение за создадената тешка ситуација, стои меѓу другото во соопштението од бугарскиот фудбалски клуб.

Слични содржини