За СДСМ пораките на Мицкоски се „шупливи“, но сметаат дека е потребен национален консензус за главните прашања

од Nikola Popovski
159 прегледи

Од СДСМ се огласија со реакција на вчерашниот говор на премиерот Христијан Мицкоски по повод свечената академија во Македонската филхармонија и 33-годишнината од независноста на Македонија. Според партијата, протоколарните пораки за обединување, немаат никаква врска со реалноста која ни ја сервира ВМРО-ДПМНЕ и политиките кои ги практикува во овие два месеци.

-Повиците за декриминализација на опозицијата се очаен обид да се покријат сопствените скандали во кои тоне Мицкоски. Освен партиската говорница за сеење лаги и измислени скандали против опозицијата, Мицкоски не успеа да докаже никаква криминализација. Но докажа дека тој ја криминализира, партизира и злоупотребува државата секој ден, истакнуваат од СДСМ.

Од партијата на Венко Филипче тврдат дека пораките на премиерот се „шупливи со кои сака да глуми конструктивност“.

-ВМРО-ДПМНЕ нема ниту план, ниту конкретен предлог за обединување, тоа единствено им е потребно на говорниците. Националното единство му е напишано во секој говор за да го прикрива семето на поделбите и омразата кое го сее.

Власта мора да даде конкретен пример со дела и да биде подготвена да прифати проширување на областите за разговор. Да разговараме и за утврдување принципи за подобрување на состојбите во здравството, за положбата на работниците, за младите.

Национален консензус за главните прашања сметаме дека е потребен. И во минатото СДСМ повеќепати ја повикуваше тогашната опозицијата за најважните прашања да застанеме заедно, стои меѓу другото во соопштението на најголемата опозициска партија.

Правда и правна држава, бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, достоинствен живот за сите граѓани – порача Мицкоски по повод одбележувањето на Денот на независноста 8 Септември – кога, како што тој рече на светот јасно му пренесовме дека татковината не се сака затоа што е голема, туку затоа што е наша.

Премиерот ја подвлече важноста на националните интереси, нагласувајќи дека тие ќе бидат брани по секоја цена. Исполнување на стратешката цел – членство во ЕУ за која вели подготвен е во секое време да разговара, но не и за се да преговара.

-Исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. Прифатете го ова што го нудам како платформа. Сите партии и чинители да седнеме на заедничка маса и да изградиме македонска платформа за делување, за иднината и наредната доба. Од нас зависи, во наши раце е иднината и ние можеме. Во оваа прилика сакам да се обратам и до опозицијата која тоне во безидејност и конструктивност. Ве повикувам да престанете со деструктивни игри. Дојде време да завртите нова страница во која ќе бидете активен учесник во градењето на заедничката држава. Силна опозиција е од суштинско значење, додаде меѓу другото, Мицкоски во своето обраќање пред присутните во салата на Македонската филхармонија.

Слични содржини