За својата аутистична ќерка Хрват го урна светскиот рекорд во нуркање на здив

од Vladimir Zorba
275 прегледи

Хрватот Будимир Шобат – Буда го урна сопствениот светски рекорд во нуркање на здив и под вода остана 24 минути и 11 секунди.

Сепак, уривањето на Гинесовиот рекорд е само спореден мотив, бидејќи, според него, со оваа акција сакал да предупреди на пречките со кои секојдневно се соочуваат  децата со аутизам, јави Дневник.хр.

– Горд сум, направив нешто што никој во светот не го сторил, поради што децата со аутизам ќе добијат повеќе внимание – оцени Шобат.

– Татко сум на аутистично девојче со име Саша и многу добро знам што е аутизам. Пред околу шест месеци, по едно медицинско истражување, дојдов на идеја за недишење над 24:03 минути. За мене ова не е само спортски мотив, туку и желба да привлечеме што поголем број луѓе. Ова го правам за сите деца со аутизам. Ќе дадам се од себе за што подобар резултат – изјави Шобат непосредно пред подвигот.

Минатата година тој го урна светскиот рекорд во Сплит, задржувајќи го здивот 21:03 минути. Спортот со кој се занимава е опасен по живот, но тој е свесен за тоа.

– Пред крај почнувам да се штипам. Кога ќе почувствувам дека веќе не ме боли, значи дека сум близу несвестица и тогаш е последен момент да излезам од под вода – појасни Шобат.

Слични содржини