Зоолошката градина на Град Скопје го негира тврдењето за угинување на над 40 животни, кое што се појавија во дел од медиумите по обвинувањата од дел од партиите. Оттаму велат дека моментално се дом на 646 животни, од 91 видови, за кои се грижат зоонегуватели кои професионално си ја работат својата работа и имаат грижа и љубов кон сите животни.
-Во 2023 година се родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година се родени 33 животни, а угинати 15 животни. Вкупниот број на родени животни за овие три години е 73, додека пак на угинати е 25. Повеќето од угинатите животни се единки кои биле во длабока старост. Со оваа официјална бројка сакаме да ставиме крај на дезинформациите за угинати над 40 животни кои се пласираат во јавноста, велат од Скопската зоолошка.
Јавно ги канат советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија и други групи директно или индиректно засегнати и заинтересирани за работењето на нивната установа, организирано и со најава да ја посетат Зоолошка градина Скопје и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста.
Пред неколку дена, Стефан Кирков, советникот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Советот на град Скопје, објави дека по смртта на седумте берберски овци во скопската Зоолошка починал и мајмун од расата патас.
-Уште едно животно пронајдено мртво во Скопје ЗОО. Обид за прикривање и на починат мајмун од расата Патас! Што се се случува во ЗОО Скопје – куќата на стравот. Оставки и одговорност мора да има, стои во објавата на советникот. За угинувањето нема официјална потврда од Зоолошката градина.
Претходно од Зоолошката соопштија дека инспектор од Агенција за храна и ветеринарство и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина ја отпочнале постапката за обдукција на угинатите берберски овци.
Од ВМРО-ДПМНЕ минатото лето обвинија дека во последниве две години за време на раководењето на градоначалничката Данела Арсовска се сменија неколку директори и дека од најпосетувана, Зоолошката градина, како што велат, станала место каде угинале 40 егзотични животни под неразјаснети околности.