Здружението на граѓани „16-ти март 2025“ од Кочани го најави одржувањето на 17-от „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи утре, 9-ти август, со почеток во 18 часот и 5 минути. Маршот ќе почне од Градскиот парк во Кочани, а движењето ќе продолжи кон трговскиот центар, седиштето на општината, локалната канцеларија на Министерството за внатрешни работи, се до Основниот суд и Кочанското обвинителство.
Организаторите посочуваат дека настанот претставува реакција на, како што велат, задоцнетата институционална реакција која доведе до трагедијата.
Минатата сабота, маршот не се одржа поради државниот празник 2 Август – Илинден.
Секоја сабота, родителите на загинатите, повредените, нивни роднини, но и граѓани организираат марш низ кочанските улици за да ги потсетат институциите на пропустите пред трагедијата во „Пулс“ и да искажат незадоволство од делови од истрагата и полициските активности. Облечени во црно, држејќи ги фотографиите на загинатите најмили, родителите и најблиските упатуваат пораки за правично судење, но и на политичарите им укажуваат да не ги злоупотребуваат за политички поени.