Грчката влада соопшти дека ги продолжува ограничувањата на домашните летови до 12 април и на меѓународните летови до 19 април, поради зголемувањето на бројот на лица заразени со коронавирус.
Ограничувања за патниците
Ограничувањата значат дека секој патник кој лета на некоја од дестинациите во Грција мора да направи негативен тест за PCR 72 часа пред пристигнувањето во земјата.Сите странски патници ќе треба да одат во карантин седум дена, освен патниците од Израел кои ја примиле целосната вакцина против Ковид-19, во согласност со билатералниот договор за туризам.
Училиштата остануваат затворени
Училиштата, продавниците чија работа не е клучна и рестораните во Грција остануваат затворени, но властите од утре ќе дозволат работа на помали продавници со одредени ограничувања.
Во Грција, во петокот, на 2 април, беа регистрирани 3.080 нови случаи на инфекција со коронавирус и 72 смртни случаи. Грчките власти регистрирале повеќе од 273.000 случаи на инфекција од почетокот на пандемијата, а нешто повеќе од 8.300 луѓе починале како резултат на инфекцијата.