За ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Филипче, но проблемот е што тој е штетен за Македонија, велат од „Белата палата“

„Го слушнавме Филипче ја повикува Белата палата, ама не го слушнавме да се огради од своите и криминалите на СДСМ“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: СДСМ

„Венко Филипче во празниот говор за отчет пред Конгресот не објасни: Зошто е петта партија во Скопје и трета во Македонија? Не се огради ниту кажа лош збор за неговиот ментор Зоран Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за обраќањето на лидерот на СДСМ на 31. Конгрес на партијата.

Оттаму оценуваат дека за нив нема подобро решение за ВМРО-ДПМНЕ од Венко Филипче.

„Заклучокот е дека за ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче. Проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“, порачаа, меѓу другото, од „Белата палата“.

Претседателот на СДСМ во своето обраќање рече дека денеска ставаат точка на разединувањето.

„СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи – нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сè! Бирам борба, искрена, силна и чесна!“, потенцираше Филипче.

Во своето обраќање, тој истакна дека единствен план на ВМРО-ДПМНЕ е да нè држат во калта на Балканот, за да можат да владеат без правила, без европски судови, без контрола.

„Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона, во тампон зона за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра. Сакаат да ја продадат безбедноста на нашите домови и на нашите деца за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ! Нема да дозволиме Македонија да стане логор за туѓи геополитички поткусурувања додека децата ги пакуваат куферите да заминат од државата“, нагласи Филипче.