Уникатното ферари 365 ГТБ/4 (Ferrari 365 GTB/4 Daytona Berlinetta Alloy by Scaglietti) излезе на дневна светлина по повеќе од четири децении колку што стоело запуштено во гаража, а сега на сопственикот ќе му донесе убава сума пари.

Во периодот од 1969 до 1973 година биле направени 1.200 примероци од моделот ферари 365 ГТБ/4.
Од нив, само 5 возила биле направени со полесна каросерија за трката 24 часа Дејтона, а само еден од тие пет автомобили можел да се вози по јавните патишта – токму овој кој со децении собирал прашина (и рѓа) во гаража во Јапонија.
Практично едиствен ваков автомобил во светот, ферари 365 ГТБ/4 дејтона берлинета во септември ќе биде понуден на продажба во рамки на аукцијата на Сотби.
Иако е прилично запуштен, автомобил е во сосема оригинална состојба, што колекционерите особено го ценат кај ваквите олдтајмери.
Освен тоа, има поминато само 36.390 километри, што дополнително му ја крева цената.
Се проценува дека на аукцијата новиот сопственик за него ќе даде меѓу 1,65 и 2 милиони долари, а со правилна реставрација цената може да оди само нагоре.