Советникот на претседателот на Украина, Михајло Подољак, негираше дека Киев е директно вклучен во нападот со дронови денеска врз Москва, но предвиде зголемување на таквите напади.
Русија утринава објави дека Украина го извршила најголемиот напад со дронови врз Москва, но дека противвоздушната одбрана ги уништила сите осум дронови.
Како што пренесува „Ројтерс“, советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, за Јутјуб каналот „Breakfast Show“ рекол дека „во врска со нападите – секако дека со задоволство гледаме и предвидуваме пораст на бројот на нападите“. Но, се разбира, немаме никаква директна врска со ова“.
Од друга страна, московското министерство за одбрана тврди дека украинските безбедносни сили користеле осум дронови за напад врз Москва.
„Во нападот учествуваа осум дронови. Сите непријателски беспилотни летала беа погодени“, се вели во соопштението.
Инцидентот беше наречен „терористички напад“.
Според градоначалникот на главниот град, Сергеј Собјанин, две лица побарале лекарска помош, но не им била потребна хоспитализација. Жителите се привремено евакуирани.