МВР соопшти дека го разреши случајот со синоќешниот огномет во Скопје во денови кога целата држава е во жалост поради трагичната несреќа во Кочани и големиот пожар. Како што информираат од полицијата, станувало збор за роденденска забава во угостителски објект во Градскиот парк.
Огнометот го запалиле двајца 18-годишници.
-На 19.03.2025 околу 21.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во градскиот парк во Скопје има огномет и не се почитува одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и утврдено е дека во угостителски објект во градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на М.Ф. (18) и М.Ф. (18), двајцата од Скопје бил запален огнометот. Тие се лишени од слобода и задржани во полициска станица во врска со чл 387 од КЗ, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од министерството за внатрешни работи, стои во полицискиот билтен.
Голем дел од јавноста беше згрозена од фактот што на некого му дошло до славење и огномет во вакви тешки денови за целата нација. Граѓаните беа изненадени од несовесната постапка на некои лица.