Заедничка обука на САЕ – Тигар и ЕКАМ од Република Грција

од Radmila Tasevska
182 прегледи

Во периодот од 13 до 17 февруари годинава, во близина на Атина, Република Грција, беше реализирана заедничка обука и размена на искуства помеѓу припадниците на специјалните полициски единици на Република Северна Македонија и Република Грција.

Припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и припадници на Специјалната полициска единица „ЕКАМ“ разменија искуства во повеќе полициски специјалности, разрешување на заложничка ситуација користејќи тактичка блиска борба во затворен простор, снајперизам, механичко и балистичко пробивање со употреба на експлозиви и друго.

Во исто време беше спроведена и обука во насока на борба и справување со тероризмот и организираниот криминал.

Двете единици покажаа подготвеност и обученост за соочување со најголемото зло во светот – тероризмот.

Активностите кои заеднички ги спроведуваа, јасно укажуваат на нивната посветеност за подобрување на безбедноста генерално, како и безбедноста на граѓаните преку синхронизирани акции во борбата против сите видови криминал.

Ваквите размени на искуства во откривањето, спречувањето и сузбивањето на нелегалните дејствија се исклучително важни за припадниците на „Тигар“ и „ЕКАМ“, бидејќи со споредување на различни техники и размена на искуства, тие ја подобруваат нивната работа, што пак, претставува клуч за нивната успешност.

Оваа средба, што беше оценета како квалитетна и професионална, сведочи за посветеноста на македонско-грчката соработка на полето на внатрешната, но и безбедноста на регионот и претставува основа за натамошно зајакнување и подобрување на механизмите за заедничко дејствување во борбата против современите безбедносни предизвици.

Во духот на добрата соработка меѓу министерства за внатрешни работи на двете држави, а заради заедничко дејствување и давање меѓусебна поддршка во борбата против тероризмот и организираниот криминал, соработката меѓу овие две единици ќе продолжи и во иднина.

Слични содржини