Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ – Скопје истакнуваат дека не само што во Предлог-буџетот за следната година не се предвидени неопходните средства, туку и дополнително е намален буџетот во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.
– Денес, на 1 декември, 2024 година, Светскиот ден на свесноста за СИДА, се потсетуваме дека ХИВ-инфекцијата е сè уште актуелен здравствен и социјален проблем. Глобална цел е до 2030 година да се стави крај на епидемијата на ХИВ како проблем на јавното здравје. На овој ден со жалење укажуваме на кратковидоста на надлежните во однос на ова здравствено прашање. За 2025 година неопходно е да се обезбедат најмалку 130 милиони денари за покривање на терапијата (109 милиони) и превенцијата (21 милион) на ХИВ. Засега предвидените средства во висина од 90 милиони денари нема да бидат доволни ниту за да се обезбеди соодветна терапија за околу 500 пациенти, вклучувајќи ги оние што ќе бидат дијагностицирани во текот на 2025 година, додека мерките за превенција се соочуваат со ризик да бидат целосно укинати, а околу 8000 граѓани од маргинализирани заедници да останат без најосновната за нив здравствена заштита, велат од Здружението.
Од Здружението „Заедно посилни“ посочуваат дека системот за превенција на ХИВ, кој бил воспоставен во изминатите 20 години придонел државата успешно да спречи поширока епидемија на ХИВ меѓу лицата што употребуваат дрога, како и да ја одржува епидемијата на ниско ниво. Посочуваат дека во овие услуги досега се инвестирани повеќе од 25 милиони долари меѓународни средства и над четири милиони евра домашни средства, чиишто ефекти ќе бидат анулирани доколку се укине превенцијата на ХИВ.
-Укинати ќе бидат низа услуги во десет града низ државата, како мобилна амбуланта и стационарни центри за ХИВ-тестирање, мобилна гинеколошка амбуланта за жени од маргинализирани заедници и рурални средини, сервиси за намалување на штетите од употреба на дрога, услуги за дијагностицирање на сексуално преносливи инфекции и други, кои ги користат повеќе илјади лица, меѓу кои околу една третина се млади. Во 2023 година преку насоченото ХИВ-тестирање што граѓанските организации го спроведуваат меѓу групите под ризик биле откриени неколкукратно повеќе случаи на ХИВ, пропорционално со бројот на направени тестови, во споредба јавниот и приватниот здравствен сектор заедно, велат оттаму.
Апелираат до Парламентот, до Министерството за финансии и до Владата повторно да го разгледаат ова прашање и да ги обезбедат неопходните минимум средства во висина од 130 милиони денари за 2025 година. Ваквата одлука, како што велат, директно ќе придонесе да се спречат нови инфекции и смртни случаи, а во исто време ќе заштеди многу повеќе средства од јавниот буџет, кои инаку би се потрошиле во наредните неколку години за основна терапија на зголемен број случаи на ХИВ, како и за лекување на компликациите што резултираат од задоцнетото дијагностицирање.
Од Здружението „Заедно посилни“ информираат дека земјава бележи релативно низок број случаи на ХИВ и се проценува дека околу 30 проценти од вкупниот број лица што живеат со ХИВ не се свесни за својата инфекција, а околу половина од новооткриените случаи во годината се доцни дијагнози. Со тоа, посочуваат, земјата заостанува зад напредокот на светско ниво и тоа укажува на недоволно инвестирање во свесноста за ХИВ и во мерките за превенција, особено тестирањето.
Во услови на голема загриженост кај пациентите во врска со обезбедувањето доволна и соодветна терапија, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ Скопје ќе го одбележи Светскиот ден на СИДА, како и својата 15-годишна работа, со добротворен настан и изложба на креативни решенија за подигнување на свесноста за ХИВ. Изложените дела се изработени од студентите на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје, а дел од самите дизајни ќе бидат ставени на аукција. Собраните средства ќе бидат искористени за поддршка на лицата што живеат со ХИВ, а се во висок социјален ризик. Настанот е дел од акцијата „Денови на донирање“ во организација на Здружението „Конект“ и од овогодинешната кампања на „Заедно посилни“ под слоганот „ХИВ не ме прави помалку човек“. Кампањата беше развиена pro bono од агенцијата New Moment, a се реализира со поддршка од Европската Унија, Европскиот универзитет Скопје, Алкалоид Конс, Медикофармација, Зегин и Макка бар.