Заев: Блаже Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес

од Nikola Popovski
266 прегледи

Премиерот Зоран Заев денеска беше домаќин на секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески.

Конески на средбата, во име на фондацијата „Небрегово“, на премиерот Заев му врачи плакета и признание како израз на благодарност за неговата лична посветеност во поддршката на активностите на фондацијата за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и за реализација на активностите кои се вклучени во Националната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Конески.

Секретарот на Фондацијата „Небрегово“ на премиерот му ги врачи и изданијата на фондацијата предвидени со програмата, меѓу кои централно место имаат изданијата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е всушност реиздание на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, потоа репринтот на публикацијата „Граматичарот Конески“ по повод 65-годишнината од првото издание на граматиката на академик Конески, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“, и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“, од Блаже Конески.

Заев на средбата истакна дека Владата, заедно со Министерството за култура останува целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

„Блаже Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес за македонскиот јазик, неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата“, рече на средбата премиерот и додаде дека научното и литературното дело што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување на сегашните и идните поколенија научници, поети и најважно од сѐ, вљубениците во вистината и литературата.

Слични содржини