Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на маргините на Економскиот Форум Делфи во Атина, оствари средба со поранешниот британски премиер Тони Блер. На средбата беше истакнато дека Договорот од Преспа е големо достигнување, бидејќи донесе решение за двата народи, но и за целиот регион и за Европа.
Беше истакнато дека Договорот од Преспа отвори врати за напредокот и стави препрека на новите национализми, а решенијата од договорот денес значат и економски потенцијали.
Сѐ е до квалитетот на владите, а на малите земји им требаат глобални погледи за квалитетни решенија, заклучија Блер и Заев.
Особен фокус во разговорот беше ставен на справувањето со глобалните предизвици кои ги наметна КОВИД-19 пандемијата.
Заев и Блер се согласија дека вакцинацијата е едно од најдобрите глобални решенија на денешницата и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација.
Во тој контекст Заев и Блер разговараа за можностите за соработки и инвестиции со глобалната ИТ компанија „Оракл” во делот на менаџирање со податоци при справувањето со КОВИД-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.
Заев и Блер изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство и изразија надеж дека во иднина пријателството ќе се продлабочи.