Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, преку својот Фејсбук профил информираше дека разговарал на телефон со шефот на македонската Влада, Зоран Заев, за да му го честита реизборот како претседател на СДСМ.
-Му честитав за реизборот за претседател на неговата партија и тој ми посака успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија. И двајцата се согласивме дека одлуките што двете земји мора да ги донесат во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не смеат да се одложуваат и во име на нашата заедничка историја и во името на нашата заедничка европска иднина, напиша Бориосв.
И премиерот на својот Фејсбук информираше дека денеска телефонски разговарал со премиерот на Република Бугарија.
-Денеска имав телефонски разговор со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.Му се заблагодарив за честитките што тој ги искажа за мојот реизбор за претседател на СДСМ и му посакав успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија и просперитет на бугарскиот народ.Се согласивме дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу нашите две земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство.Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенијата кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ, напиша Заев.
Заев вчера беше реизбран за лидера на СДСМ на првите внатрепартиски непосредни избори и освои апсолутно мнозинство од сите членови. За Заев гласале 60.840 социјалдемократи со право на глас, 888 биле „против“ и имало 249 неважечки ливчиња. Заев по трет пат е избран за лидер на партијата. Право на глас имаа 68.999 членови на партијата кои го ажурираа своето членство а се гласаше на 237 места во 80 општини низ државата.