Заев:Бошњаците се нераздвоен дел од богатството во нашата мултикултурна држава и концептот „Едно општество за сите“

од desk2
104 прегледи

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија, по повод празникот 28 септември – Меѓународен ден на Бошњаците.

Овој ден, потенцира, го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик, вели Заев, е добра можност за да се одбележат културните специфики и вредности на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.

– Бошњаците се составен и нераздвоен дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава, и активно учествуваат во градењето на концептот „Едно општество за сите“, нагласува во честитката премиерот Заев.

Како определба на Владата на РМ да биде посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, од оваа учебна година, најави тој, во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.

– Бидете уверени дека остануваме и понатаму посветени на заложбите за натамошната промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани, се подвлекува во честитката од претседателот на Владата.

Заев упати порака сите заедно да продолжиме со спроведувањето на реформите, за развој на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните, на промоцијата на можностите за културно и образовно напредување, како вредности патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции, и за изградба на силна, модерна и напредна европска Република Македонија.