Заев: Да се надомести штетата од сите одговорни за настанот со „Шверцерите“ во МНТ

од Nikola Popovski
363 прегледи

Владината одлука во врска со случувањата при прославата на јубилејот на навивачката група „Шверцери“ на 23 ноември во Македонскиот народен театар, при што беше направена штета во националната установа, е комплексна и се работи за насоки од Владата кон министерот за култура. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека одлуката е прво да се надомести штетата од сите оние кои се одговорни за неа.

Тој нагласи дека министерот за култура ќе поведе дисциплинска мерка против директорката, која имала само усна комукацијата со организаторите на настанот, која не ја формализирала.

– Има препорака од страна на Владата, но министерот согласно правилник и законски надлежности ќе ја донесе конечната одлука, заради тоа што тој е надлежен во делокругот на таа постапка. Но, Владата изрази јасна волја дека мора да има санкции за одредени непроцедурални постапувања, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по означувањето на почеток на градба на новата зграда наменета за Одделот за крим техника вклучувајќи и форензички лаборатории за потребите на МВР.

Вториот дел, надоместокот на штетата, посочи премиерот, е сериозна работа за да може да се поправат сите оние штети кои се нанесени на самиот објект, а санкцијата е во функција не заради тоа што некој треба да зема повеќе или помалку плата, туку за да не се повтори.

– Токму заради тоа е и порепораката на Владата за испорачување на одредена санкција согласно правилниците кои постојат во јавната администрација, а тоа се правилници за наградување и санкционирање. Се знае во кои постапки по кое ниво се постапува, согласно тоа и Владата ја даде својата препорака, додаде Заев.

Во врска со тоа до каде е санкционирањето на одговорните, односно на тие што ја направија штетата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека тоа што е дел од задачите на полицијата во однос на констатирањето на состојбите е направено, меѓутоа материјалната штета ја утврдува институцијата каде се одржал настанот.

– Веројатно по утврдување на таа материјална штета ќе се поведат постапки или спогодбено, односно договорно, ќе се надомести таа штета или ќе си поведат граѓанска постапка за надомест на штета, додаде Спасовски

Слични содржини