Заев: Денес седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот

од Nikola Popovski
219 прегледи

„Пред една година остваривме една од најважните стратешки цели за државата зацртана  во темелите на нашата независност и усвоена со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. Денес членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста. Или ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: УСПЕАВМЕ!“, изјави премиерот Зоран Заев во говорот на свеченоста по повод првата годишнина од членството во Алијансата, во касарната „Илинден“.

Тој додаде дека денес седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот.

„Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој“, рече премиерот.

Заев ја истакна и солидарноста на сојузништвото која беше евидентна меѓу сите членки во услови на глобална пандемија, кога земјите членки си помагаа меѓусебно со основните средства за заштита за да се преброди првиот бран на кризата.

„Голем број наши сојузници ни помогнаа со донации во медицинска и заштитна опрема, како и во препарати за дезинфекција и други материјали. НАТО донираше 60 механички вентилатори за полесно справување со последиците од пандемијата. Нашите капацитети и ресурси се посилни благодарение на солидарната поддршка од сојузниците, што е директен придонес од нашето членство во НАТО“ – истакна Заев и ѝ се заблагодари на нашата Армија која, како што кажа, „неуморно го помага здравствениот систем. Армискиот придонес ни значи на сите – спасувате животи!“, истакна Заев.