Заев: Димовски е нефер и некоректен, затоа немаме избрано државен ревизор

од Vladimir Zorba
301 прегледи

Две ипол години имаме трпение за Илија Димовски. Две ипол години нешто е заглавено, Димовски не е фер и не е коректен, рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање зошто нема политичка волја да се избере главен ревизор, затоа што Државниот завод за ревизија е под блокада.

„Две ипол години да биде заглавено нешто, Димовски не е фер и не е коректен. Кулминацијата е дојдена. Апелирам да и служиме на државата дали сме од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или која и да е политичка парија, имаме обврски да носиме одлуки. Апелирам до парламентот одлуките да се носат, имаат право на глас луѓето, одлуки мора да се носат“, рече Заев.

Тој кажа дека не разговарал со владејачките партии дали на изборите ќе излезат како коалиција, односно како една опција.

„До кампањата има 5 месеци. Тоа ќе се случува крајот на февруари почетокот на март. Рано е многу да зборуваме за тоа“, рече Заев.

Во однос на пописот, премиерот кажа дека поради вонредните парламентарни избори, закажаниот попис ќе биде одложен, но дека треба да се спроведе во текот на 2020 или 2021 година. Според него, не може да има попис за време на кампањата, а после изборите треба да се составува влада.

Слични содржини