Заев до Билт: Груевски нема право да ја загрозува стабилноста на државата

од Vladimir Zorba
86 прегледи

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, денеска во Скопје се сретнаа со копретседавачот на Европскиот совет за надворешни односи, поранешен премиер на Шведска и шеф на дипломатијата, Карл Билт.

На средбата, како што соопштуваат од партијата, било заеднички констатирано дека демократските процеси се неопходни за напредокот на Република Македонија и дека мора да се овозможат низ почитување на Уставот и на законите од страна на сите политички субјекти и институции во државата.

– Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во Собранието во согласност со деловникот, Уставот и со законите. Ќе биде бргу избран новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на веродостојни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта – изјавил Заев.

На состанокот било нагласено и дека е недозволиво да се разгоруваат тензии и насилства, кои, како што се наведува, се противуставно дело на штета на државните интереси и дека секој што би се впуштил во такви активности ќе мора да одговара за тоа.

Заев објаснил дека е формирано парламентарното мнозинство од 67 пратеници и дека наскоро би требало да се приклучат уште двајца пратеници. Тој истакнал дека Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ немаат право, поради страв од соочување со правдата, да ги загрозуваат егзистенцијата на граѓаните и стабилноста на државата.

На средбата се разговарало и за притисоците што ги прави власта во заминување врз невладните организации, за опасноста од блокада на целиот систем на државата ако не се избере нов собраниски претседател, кој треба да ги закаже локалните избори, како и за последиците што ги трпат граѓаните и фирмите на економски план.

На крајот на средбата, како што велат од СДСМ, заклучено е дека потребно е што побргу да се реализираат неопходните реформи, особено во делот на обезбедувањето независно судство и независни институции во интерес на граѓаните./META