Заев до Груевски: Тебе навистина ти е досадно, нели? Се капеш во украдените пари на македонските граѓани

„Можеше да ја одлежиш казната, тоа малку што ти го дадоа, бидејќи да бев јас некој друг и да се мешав во правосудството, ти ќе добиеше многу повеќе. Но, јас не сум како тебе и твоите, јас сепак се борев за слободна и демократска Македонија“, му порача екс-премиерот Заев на неговиот поранешен политички ривал Груевски

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Зоран Заев

Продолжува кавгата меѓу поранешните претседатели на македонските влади. Екс-премиерот Зоран Заев се огласи по последните обвинувања од страна на неговиот претходник и поранешен политички ривал, Никола Груевски. Заев оценува дека на „екс-премиерот му е досадно што постојано излегува со објави на социјалните мрежи“.

„Тебе навистина ти е досадно, нели?! Читам денес дека си почнал и да се разубавуваш:) Човеку, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе. Само да ти кажам, овие твоите те слушаат, гледам дека секојдневно им делиш задачи. Знам, контролата од далечина ти е малку тешка.

Можеше да ја одлежиш казната, тоа малку што ти го дадоа, бидејќи да бев јас некој друг и да се мешав во правосудството, ти ќе добиеше многу повеќе. Но, јас не сум како тебе и твоите, јас сепак се борев за слободна и демократска Македонија.

Да ја одлежеше тогаш казната и да покажеше достоинство кон народот на Македонија, денес ќе можеше од тука, од Македонија, да зборуваш пред нашата јавност, наместо од бегство да пишуваш епопеи за кои тука се тера мајтап дека никој не може и не сака да ти ги дочита до крај“, додава Заев во објавата.

За разлика од тебе, нагласува поранешниот лидер на СДСМ кого го нарекува Груевски – „неуспешниот и поразен боксер“, „ние пред политиката се занимававме со сопствена работа, и тоа успешно“.

„А сега, кога скоро пет години сум во политичка пензија, нема ден да не ме спомнете. Толку ли комплекси сте си натовариле? За разлика од тебе, којшто се капеш во украдените пари на граѓаните на Македонија, јас достоинствено работам и своето време и натаму ќе го трошам на работа, а не на серијали писанија посветени на тебе. Тоа значи дека ова е една од ретките прилики кога го добиваш повторно моето внимание.

Затоа, ти предлагам, најди си нешто да работиш. Не мислам да работиш за да заработиш, тоа го имаш оти безобразно и развратно крадеше. Туку мислам на тоа да си најдеш некое хоби, занимација, да ти “годи” додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?“, укажува Заев, додавајќи дека се надева и верува дека „ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија, а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш“.

„За да разбереш: Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис да ми даде. До свидания Никола“.

Груевски во последната објава порача: „Дволични дома, дволични и надвор“ за Заев и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Во опширниот пост на Фејсбук, тој наведува сериозни обвинувања за делувањето на поранешниот и на актуелниот лидер на СДСМ – Заев дека ја финансира војната во Украина преку крупни зделки со руски компании, а Филипче дека за златната виза платил повеќе од половина милион евра, пари кои како лекар не би можел да ги заработи ни за 40 години.

Слични содржини