Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска го отвори третиот Македонски енергетски форум. Форумот годинава е во организација на ЗИП Институт, а во соработка со Владата на Северна Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
„Токму еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок, е вложувањата во енергетскиот сектор. Нашите заложби се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции.
Дополнително, нашите заложби се постепено преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија вода, сонце и ветер се со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија.
Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.
Во таа насока ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. Денес сакам да најавам неколку проекти на Владата во овој сегмент, како терминалот на течен природен гас во Александропулос, Грција за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори. Сите инвестиции кои ги имаме од земјите членки на Европската Унија, почнувајќи од фотоволтаици, ветерните централи, и најава за сериозни инвестиции во хидроцентралната Чебрене“, изјавил Заев.
Покрај премиерот Заев, на форумот се обратија и амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз, амбасадорот на Норвешка, Н.Е. Јорн Јуџин Јелстад и Агим Селами, директор на ЗИП Институтот.