Иднината на Европа по европските избори, интегративниот процес на Западен Балкан, геополитичките случувања во источниот Медитеран, мирното решавање на споровите, решението на климатската криза, но и европските економски случувања ќе бидат главни теми на дводневната Меѓународна конференција за мир и одржлив развој што на 17-ти и 18-ти јуни ја организираат Институтот „Алексис Ципрас “ и Фондацијата „Зоран Заев – Едно општество за сите“.
Посебен момент на Меѓународната конференција ќе биде врачувањето на наградата „Преспа“ на Метју Нимиц, специјален пратеник на ОН и медијатор по прашањето за името од 1994 година.
-Позитивниот придонес на г-дин Нимиц за зближувањето на двете земји и постигнувањето на Договорот од Преспа, со својата порака ќе го удостои и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, стои во соопштението за настанот.
Според истите извори, Меѓународната конференција ќе биде прва од низата настани и иницијативи кои Институтот „Алексис Ципрас“ ќе ги одржи во следниот период со цел да започне поширок јавен дијалог за иднината на Грција и Европа.
Според информациите, конференцијата ќе се одржи во Атина, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, со учество на шефови на меѓународни организации, премиери, европски комесари, клучни владини претставници, поранешни претседатели, премиери, министри за надворешни работи, како и „претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централно левичарски, левичарски и прогресивни сили“.
Од Македонија на конференцијата се очекува да учествуваат поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски, поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер Никола Димитров и Венко Филипче како директор на Фондацијата „Заев“.