Заев: Функционерите мора да работат чесно и одговорно

од Берта Китинска
276 прегледи

Довербата на граѓаните е наш врвен приоритет, но не ни е дадена еднаш за секогаш. Преку нашето однесување треба секојдневно да докажуваме дека работиме чесно, одговорно, транспарентно и непристрасно во интерес на сите, дека го практикуваме она што јавно го зборуваме, порача денеска премиерот Зоран Заев пред потпишувањето на етичкиот Кодекс од страна на владините министри.

Прифаќањето на Кодексот, нагласи Заев, е гаранција за граѓаните дека секој функционер ќе го даде својот личен придонес за градење систем на интегритет, добро владеење и управување.

-Однесувањето на секој владин член и именуван функционер, како и нивното придржување до принципите на добро управување преку демонстрирање интегритет, транспарентност, отчетност, правичност и непристрасност, е нашиот врвен приоритет. Јакнењето на системот на етички исправно и добро управување ќе им служи на сите граѓани, без исклучок, со кои градиме правично и едно општество за сите. Довербата на граѓаните не ни е дадена еднаш за секогаш. Преку нашето однесување треба секојдневно да докажуваме дека ги запазуваме јавниот интерес и општото добро, исполнувајќи ги стандардите што граѓаните ги очекуваат од нас, рече премиерот.

Довербата на граѓаните, повтори, е врвен приоритет, а со овие мерки, како Кодексот, се преземаат конкретни чекори за подобрување на институциите и начините на однесувањето на носителите на јавните институции.

-Кодексот е обврска да го практикуваме она што го зборуваме и искрено очекувам тоа целосно да го прави овој владин состав. Ова потпишување е свечен чин со кој сите ние како членови на Владата, заменици министри, директори и јавни функционери се обврзуваме дека го прифаќаме Кодексот за почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста и транспарентноста на Владата и сите нејзини институции. Потписот е нашата согласност дека ги прифаќаме сите највисоки етички принципи за заштита на човековите слободи и права при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, истакна Заев.

Тој на владината седница соопшти дека вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски ќе биде одговорен за следење на спроведувањето на Кодексот.

Според Николовски, нема да се толерира нетранспернтно работење и неодговорност. Ако владините функционери не го испочитуваат Кодексот, ќе одговараат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
-Основната намена на Кодексот е отчетно и транспарентно работење на функционерите, градење систем на интегритет, добро владеење и управување. Во него се пропишани принципите на однесување на носителите на јавни функции, како и конкретни обврски. Согласно Кодексот, функционерите, директорите и лицата на раководни позиции во институциите именувани од Владата, на секои шест месеци ќе треба да доставуваат извештај за направените трошоци во текот на нивното работење, кои, потоа, ќе се објават на владината алатка за отчетност. Кодексот ги обврзува и да ги објавуваат податоците за работењето на плановите, ревизорските извештаи, завршните сметки, сипсоците на вработени, односно се што е од интерес за граѓаните. Ако владините функционери не го испочитуваат Кодексот, ќе одговараат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, подвлече Николовски.

Кодексот за етичко однесување на владините членови и носителите на извршни функции беше донесен на 22 септември годинава.

Слични содржини