Екс-премиерот Зоран Заев се огласи во јавноста по последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски насочени кон него и неговата поранешна партија СДСМ. Заев реагира на, како што вели, „небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која и ја нанесува на целата држава“.
„Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија. Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни “куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија” како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици“, порачува Заев преку објава.
Кога сме веќе кај куферите, додава тој, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери.
„Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, стои во објавата на поранешниот премиер.
Мицкоски вчера од митинг укажа на фактот дека од СДСМ, како што вели, ниту демантираат, ниту потврдуваат за врските и парите од Бугарија.
„Ниту пак се во состојба да кажат поинаку од она што сите знаеме дека е вистината. Ќе ви се скинат и куферчињата пари од источниот сосед, а ниту во зградите и визите од Дубаи има среќа. И сакам една порака до сите нив: тоа што година и три месеци сè уште не стигнала правдата до вас, тоа што година и три месеци секој ден, час во денот и неделата го минувам на градење на темелите што ги рушеа, не значи дека заборавив и не работам правдата да ве стигне“, вели Мицкоски.