Заев го покани Бајден да ја посети Македонија

од Nikola Popovski
324 прегледи

Стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД го развиваме и преку можностите кои ни ги нуди НАТО Алијансата. Денес на маргините на Самитот на НАТО во Брисел имав краток разговор со Претседателот на САД Бајден, што беше одлична прилика да го потврдиме сојузништвото во демократските иницијативи, во глобалната безбедност и во новите регионални економско-енергетски проекти во кои Северна Македонија има суштинско учество, објави премиерот Зоран Заев, кој моментално се наоѓа во Брисел на НАТО самитот.

Тој посочи дека упатил покана до Претседателот Бајден да го посети Западен Балкан, а од него добил уверување дека тој лично добро го познава регионот, дека САД ќе бидат посветени во поддршката на интеграцијата на Северна Македонија и на балканските земји и дека постои интерес за планирање посета во иднина.

На првиот лидерски Самит како 30-та  полноправна членка, Македонија ги повтори заложбите дека е подготвена да ги исполни своите обврски како рамноправна членка на Алијансата, во амбициозната Агенда што ја исцрта овој Самит.

Македонскиот премиер Заев, кој ја предводеше државната делегација во која беа и министрите за одбрана и надворешни Шекеринска и Османи, собирот на шефови на држави и влади го искористи уште еднаш да испрати порака за отворање и на европскиот пат, бидејќи, како што рече, ништо друго освен јасна ЕУ перспектива за земјата и Западниот балкан, не е опција. Туку двете заедно се патот кон просперитет и стабилност.

„Драго ни е што сојузниците, преку Агендата на НАТО 2030, повторно се посветија на основните принципи на Алијансата и се согласивме да ги поддржуваме со политички активности и конкретни активности и алатки.

Во иднина, ние сакаме да го видиме НАТО со поширока политичка димензија и функции. Ова ќе ни овозможи да ги унапредиме политиките во широк спектар на области и да се прилагодиме на новите предизвици, од кои ќе прозлезе зајакната политичката кохезија на НАТО.

Денес, по успешниот Самит на НАТО, испраќаме силна и јасна порака: Заедно сме посилни!“, изјави премиерот Заев денес пред медиумите.

Слични содржини