„Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – ‘помалку историја – повеќе економија’, за доброто и за иднината на граѓаните. Нашата цел за интегриран регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзани сме посилни. Тоа го го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ“ кажа премиерот Зоран Заев на Економскиот форум за регионална соработка кој се одржува во Скопје.
Тој кажа дека регионалната соработка произлегува од европските вредности, затоа што во себе, во своите темели, ги содржи истите четири слободи на Европскат Унија – Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
„За да ги обезбедиме условите за реализација на овие слободи, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно. Во трите земји, во тек е забрзана дигитализација на огромен број административни процеси и бази на податоци“ кажа Заев.
Премиерот на Република Северна Македонија додаде дека со регионално усогласување на политиките за инвестиции и подобра и координирана промоција, ќе се направат повидливи потенцијалите на економиите на земјите од регионот за да се зголеми нивната привлечност за странско директно инвестирање.
„Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух да го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и да продолжиме да даваме сѐ од себе за тоа да се случи“ кажа Заев.