Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска ја лансираа кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“
Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата како начин за лична и колективна здравствена заштита од КОВИД-19, да ја зголеми одговорноста и свесноста кај населението за важноста од вакцинирање, да ги разбие сите митови, невистини и дезинформации поврзани со вакцините и следствено на тоа да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат, да се заштитат себеси и блиските и да дадат придонес кон колективното здравје и што побрза стабилизација на состојбата.
„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред се наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, истакна премиерот Заев по повод почетокот на кампањата „Вакцинирај се!“.
Премиерот потенцираше дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста.
„Повикот на кампањата е едноставен и јасен – Вакцинирај се! Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација за безгрижно детство и среќни училишни денови во пресрет на новата учебна и академска година. Повикот – Вакцинирај се! – е за да се вратат артистите на сцените и за да ги поздравиме нивните остварувања и изведби со масовно присуство и долготрајни аплаузи, во безбедни средини, без да се грижиме дали некој ќе ни пренесе вирус од кој ќе завршиме во болница или полошо. Сите посакуваме да се вратиме како публика во спортските арени за да ги славиме успесите на нашите спортски амбасадори и пораката за сите нас е – Да се вакцинираме“, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев.
Тој се осврна и на безбедноста на вакцините и истакна дека тие се безбедни и дека само со вакцинација на населението ќе го сочуваме колективното здравје.
„Вакцините се единствениот начин да имаме извесна иднина. Да ја дигнеме на нозе економијата и да ги јакнеме работните места. Да ги одмориме лекарите, медицинските сестри и болничарите, за да можат да се вратат на својот редовен начин на работа.
Вакцините се единствениот начин да спречиме повеќе губење на човечки животи. Неприфатливо е да не го применуваме тоа решение“, порача премиерот Заев на промоцијата на кампањата „Вакцинирај се!“
Кампањата „Вакцинирај се!“, има за цел и да им го сврти вниманието на граѓаните кон потребата да бидат внимателни кога до нив стигаат информации и вести кои не почиваат на вистина и на факти и во таа насока беа дел од поентите на министерот за здравство Венко Филипче.
„Преку оваа кампања меѓу другото ќе се бориме и против низа дезинформации кои се уште циркулираат и ги збунуваат и заплашуваат граѓаните. Наша цел е како и досега да ја испратиме вистинската информација и да ги разбиеме митовите и невистините околу вакцините. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Во оваа кампањата ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, јавни личности, локални лидери и авторитети и сите кои сакаат да се вклучат и ја пренесат пораката – Вакцинирај се!“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Тој издвои и повеќе факт за интересот за вакцинација кај населението кој секојдневно се зголемува, но потенцираше дела сѐ уште сме далеку од потребниот опфат со вакцинација на населението за стабилизација на состојбата и излез од кризата.
„Би сакал посебно да им се обратам на младите кои се категорија која сѐ уште е вакцинирана во мал процент. Вакцинирајте се и заштитете се себе но и најблиските. Никој не е целосно заштитен и сигурен, иако младите често поминуваат полесно, имаме за жал и тешки случаи кои мора да ги превенираме“, нагласи министерот за здравство.
Филипче апелираше граѓаните да се вакцинираат како единствен најсигурен и безбеден начин да се заштитат себе си и целата заедница. Министерот уште додаде дека по вакцинацијата е потребно време за имунолошкиот систем да одговори и да создаде имунитет до конечен крај на пандемијата, здравствените мерки и протоколи и натаму остануваат важна алка во целиот систем и борба против КОВИД-19.
„Почитувањето на актуелните мерки и протоколи, во комбинација со вакцинација, многу побрзо ќе придонесе до крај на пандемијата“, потенцираше министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата на која заедно со претседателот на Владата Зоран Заев ја започнаа кампањата „Вакицинирај се!“.