Пораката е примена, слушнат е гласот на народот. За нас и за нашето членство тоа е казна и го нареков „жолт картон”, за да можеме да бидеме уште подобри во периодот кој претстои, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев, додавајќи дека треба поенергични реформи.
– Платата порасна во просек за шест илјади и триста денари и минималната и просечната, но веројатно не е доволно, граѓаните очекуваат уште повеќе. Да, било пандемија, имало референдум, уставни промени, претседателски избори, но граѓаните очекуваат од нас, наше е да испорачаме. Еден дел на политиките кои ни се одразија и на крајот народот на еден начин ни ги казнува, еве по овој случај седејќи дома. Ни вети ЕУ, ни вети, за тоа што го направивме, а не испорачаа. Да, можеби Бугарија е вината, но ЕУ беше должна да испорача. Не им беше на граѓаните лесно да го поминат целиот процес како што не ни беше лесно на нас кои ги донесовме одлуките во Владата, Парламентот и граѓаните на референдум, само со таа единствена наша стратешка цел, нашиот сон – ЕУ, за да го продолжиме следниот получекор, оти чекорот од лани е направен, одлуката е донесена, треба само Совет на министри, не треба ни Европски совет да се свика за да ја закажеме првата меѓувладина конференција и тука имаме секако грешка, слабост. Од сето тоа учиме, заклучи Заев.