Заев и Шахпаска: Дополнителни 1.100 лица ќе бидат опфатени со новиот Предлог на Закон за стечајците

од Берта Китинска
355 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на заедничка прес-конференција, го претставија новиот Предлог на Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата. Предлогот на Законот, денеска беше усвоен на седница на Влада, по предлог на Министерството за труд и социјална политика.

Со овој Предлог-закон се зголемува опфатот на дополнителни 1.100 стечајци кои ќе добијат можност да остварат месечен надоместок во износ од 9.242 денари, односно 34 проценти од просечната месечна нето плата исплатена по работник претходната година. Со последната измена речиси 13 илјади лица ќе добиваат материјален надоместок до вработување или до пензионирање.

Како што истакна премиерот Заев, Владата продолжува да биде посветена на определбата за гарантирање на принципот на еднаквост на граѓаните во остварувањето на нивните права.

„Оваа Влада започнувајќи уште од својот прв мандат во 2017 година, со неколку законски решенија обезбеди финансиски надомест за невработените лица чијшто работен однос престанал поради стечај, ликвидација и технолошки вишок, односно на стечајците. Со овие законски решенија беа обезбедени 11.420 наши сограѓани. Наспроти негрижата на претходната власт која за 11 години владеење успеа да реши само 4.000 стечајни работници, и наспроти долгогодишните лажни и предизборни ветувања, како и заради селективноста во решавањето на нивниот статус, оваа Влада во двата мандати, односно за 4 години, со неселективен пристап и еднакви права за сите, успеа материјално да обезбеди 11.420 стечајци. Со последната измена речиси 13 илјади лица ќе добиваат материјален надоместок до вработување или до пензионирање”, информираше премиерот Заев.

Министерката Шахпаска, подвлече дека Предлог законот е подготвен во директната комуникација со граѓаните, како и од анализата на досега поднесените барања според кои дојдовме до сознанија дека на некои им недостигале само неколку месеци за да го исполнат условот од 15 години работен однос во претпријатието со доминантна сопственост на државата, поради што не можеле да го остварат ова право.

„На денот на поднесување на барањето, невработеното лице треба да е на возраст од најмалку 52 години (жена), односно 55 години (маж); да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, да не било во работен однос. Правото на паричен надоместок во висина од 9.242 денари, невработените лица, односно стечајците ќе го остваруваат се до нивното вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување”, извести Шахпаска.

Определбата на Владата на целосна фокусираност на социјалните политики кон сите наши граѓани од ранливите категории, продолжува и во наредниот период. Вниманието останува целосно насочено кон зачувување на работните места, и кон поддршка за социјално ранливите како што се стечајците, пензионерите и невработените.

Слични содржини