Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на пригодна свеченост во рамките на програмата за одбележување на 30 годишнината од независноста, на пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание од 1991 до 1994 година им додели плакети со благодарност како израз на длабоката почит за нивниот исклучителен придонес во создавањето и развојот на нашата независна и суверена држава.
Во своето обраќање на свеченоста, премиерот Заев истакна дека благодарницата е признание и за Декларацијата за самостојност, за одлуката за распишување на Референдумот, за воведувањето на плурализмот, за воспоставувањето на новите демократски институции, за изборот на првата демократска Влада, за првиот Устав на независната држава и за севкупната посветеност на изградбата на нашата заедничка татковина.
„17-ти ноември 1991 година како ден кога беше усвоен Уставот на Република Македонија има посебно место во временската линија на развојот на нашата државност. Тој ден со златни букви ја испишува страницата од нашата историја за да се запамети дека во Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше усвоен Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереност и самостојност на 8 септември, откако претходно беше усвоен нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на државата“, нагласи претседателот на Владата Заев.
Тој додаде дека тие, пратениците, врз основа на декларациите што му претходеа на референдумот и на првиот Устав на независна Република Македонија, оние за суверенитетот на земјата, за независноста и за меѓународното признавање, усвоија Устав кој ја дефинираше Република Македонија како независна држава, чиј суверенитет потекнува од граѓаните и ним им припаѓа.
„Вие, пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание сте креаторите на новата демократска и социјална држава којашто беше основана врз начелата на парламентарната демократија, на поделбата и независноста на трите власти, на владеењето на правото, на пазарната економија и на неприкосновеноста на приватната сопственост. Според сите стандарди на современите демократски држави“, рече премиерот Заев на настанот во Свечената сала на Владата.
Заев рече дека историјата запиша, а граѓаните ќе паметат, дека пратениците од првиот мандат на плуралното Собрание од 1991 до 1994 година учествуваа и во креирањето и донесувањето на сите останати неопходни државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.
„Во Вашиот мандат, во мандатот на пратениците од првиот пратенички состав, покрај референдумот за независност и првиот Устав на независна Република Македонија, беа утврдени и државната химна и знаме како темелни обележја на независната и суверена македонска држава. Во трите декади што следеа по овој историски настан, Уставот на Република Северна Македонија, беше дополнет со амандмани уште во осум наврати за да бидат вградени сите неопходни и институционални и идентитетски атрибути на една самостојна и суверена држава според стандардите на домашното и меѓународното право“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата се наврати на актуелниот миг и рече дека денес, кога одбележуваме и 30 години независна држава, Република Северна Македонија, како рамноправен партнер во најмоќниот безбедносен и политички сојуз НАТО, ги дели вредностите на Алијансата, а како кандидат за членство во ЕУ ги прифати и ги промовира европските вредности како резултат на слободно изразената волја на народот и низ политичките институции и дека преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и Северна Македонија започна да ја менува сликата за Балканот.
„Оваа година одбележуваме уште една годишнина – 20 години од Охридскиот рамковен договор. Меѓу амандманите на нашиот Устав донесени во овој период се и оние кои произлегоа од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Целта на овие измени беше да се засилат процесите на внатрешна интеграција на сите етнички заедници без асимилација и создавање основ за долготрајна меѓуетничка стабилност. На темелите на овие наши уставно прифатени вредности, нашата земја денеска во светот се препознава и по концептот „Едно општество за сите“, концепт за кој имаме неподелени признанија“, посочи премиерот Заев и уште еднаш се заблагодари за придонесот на пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание во првите денови на испишувањето на новите страници на нашата независна и суверена држава.
Во име на пратениците на свеченоста во Владата се обратија Ѓулистана Марковска и Мухамед Халили.
Во своето обраќање во знак на благодарност за признанието, пратеничката од првиот состав на повеќепартиското Собрание Ѓулистана Марковска истакна дека без разлика на различната партиска припадност, пратениците од генерацијата 1991-1994 година имаа една заедничка ѕвезда водилка – иднината на Македонија како независна и просперитетна држава.
Пратеникот Халили нагласи дека првиот пратенички состав во плуралното Собрание има исклучителен придонес во хармонизирањето на меѓуетничките односи и во унапредувањето на правата на малцинските заедници кои беа остварени со поддршка на целиот народ во земјата.