Заев: Инвестицијата на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на висококвалитетни вина

од Andreja Salpe

Претседателот на Владата на Репубика Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за земјоделоство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, денеска присуствуваа на промоцијата на новата инвестиција на компанијата „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“, кои се дел од Групацијата М6. На настанот, покрај премиерот и министерот присуствуваа и менаџерите на овие компании.

 Во услови на криза предизвикана од пандемијата, „М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“ преку групацијата М6 продолжија со инвестицискиот циклус во нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес, при што ваквиот чин беше поздравен од премиерот Заев и министерот Хоџа.

Инаку, инвестицијата на „М6 Аграр“ е вредна 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД – програмата. Средствата се наменети за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“.

  • Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на ‘Тиквеш’, туку ќе создаде услови и за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Со овој нов потенцијал, Винарската визба ‘Тиквеш’ со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на над 25 пазари ширум светот и освоени 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само минатата година, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена. Многу е важно што оваа инвестиција ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на висококвалитетни вина и за етаблирање на македонската винска индустрија, истакна премиерот Заев.

Во изминатите години, инвестирани се над пет милиони евра во подигнување на нови насади и модерна механизација, се со цел унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“.

  • Преку многу вакви примери, ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД во однос на степенот на искористеност на ИПАРД 2. Како резултат на добрата искористеност на средствата од Програмата, за прв пат во историјата, две години по ред 2019 и 2020 година, а сега и во 2021 година, Република Северна Македонија нема да враќа неискористени средства од Програмата, истакна министерот за земјоделство Хоџа.

Инвестицискиот план предвидува  во текот на 2022 година да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и да биде опфатена површина од нови 180 хектари, а овој тип инвестиции во земјоделството ги задоволуваат сите критериуми за поддршка од ИПАРД програмата за развој на аграрот и руралниот развој.

  • До денеска, преку ИПАРД 2-инструментот склучени се 1.723 договори со вкупна поддршка од 51 милиони евра. Агенцијата беше и ќе продолжи да биде најголем партнер на земјоделците и компаниите и двигател на растот и развојот на земјоделското производство и руралниот развој. Признание дека сме на добар пат и дека сме лидери во искористеност на средствата во регионот добивме и од ‘ДГ Агри’ на ЕУ, а веќе во ИПАРД 3-програмата која треба да ја започне со имплементација во 2022 година очекуваме многу поголем буџет од оној што го имавме во претходниот период“, изјави Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Понатаму, свое обраќање имаше и претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6 Светозар Јаневски, кој говореше за јасната визија за создавање врвни вина и развој на винска индустрија.

  • И во овие услови на пандемија компанијата продолжи со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси за понатамошно унапредување на квалитетот на вината на ‘Тиквеш’, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина воопшто. Задоволни сме и благодарни за поддршката што ја обезбедуваат Владата, ресорното министерство и ЕУ фондовите за овој сектор, а во тие рамки и за ‘Тиквеш’ како двигател на развојот на македонската винска индустрија, истакна Јаневски.

Слични содржини