Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека во понудениот предлог, што го донесоа Аугусто Силва и Оливер Вархеји, за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија, воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни.
-Португалското претседателство и министерот Аугусто Силва воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Кај нас рековме дека тоа е добра база и добра појдовна основа за решение. Сериозно дискутираме за предлогот, ќе продолжиме со состаноци, истакна премиерот.
Со новиот предлог, Заев потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се строго заштитени.
-Имаме документ и јас сум изненаден што членка на ЕУ, која е од другата јужна страна на европскиот континент, која не е толку блиску до Балканот и не е толку детално упатена и навлезена, беше креативна и инвентивна за да изнајде решение. Затоа рековме дека секој пат е можно да се изнајде решение ако има добра волја од двете страни, истакна Заев.